Македонскиот интернационалец во бугарскиот прволигаш Локомотив Пловдив, Бобан Јанчевски, се нарече себе си “Бугарин”, во проширеното интервју за тиражниот спортски весник “7 дни Спорт”. На прашањето на новинарот, до каде е со процедурата за добивање на бугарски пасош, Јанчевски одговори: “Не знаете!? Јас сум веќе Бугарин”!. Определбата на популарниот Јанкер да го промени државјанството е негов проблем, ако не се замешаше во историскиот проблем со идентитетот меѓу Македонците и Бугарите: “Се чувствувам многу убаво како Бугарин. Нема разлика. Бугари, Македонци и Срби – сите сме едно исто(!)”, гласи “генијалната” изјава на Бобан Јанчевски. Јанкер, кој е лут на македонскиот селектор Драган Канатларовски, што не го повикал ниту еднаш во црвено-жолтиот дрес, е голема фудбалска ѕвезда во Бугарија. Благодарение на неговите голови, Локо Пловдив стана шампион на нашиот источен сосед минатата сезона. За да ја ублажи ситуацијата, Јанчевски, кој е роден во Виена (Австрија), но речеиси целиот свој живот го мина во Тетово, вели дека за бугарско државјанство се определил за да му помогне на својот клуб, да го ослободи местото како странец во тимот. Пред да замине во Бугарија, Јанчевски, кој е навивач на милански Интер и обожувач на Роналдо, настапуваше за екипите на Тетекс и Македонија ЃП во Македонија.