Договорот на Зоран Заев и Драги Рашковски со новоформираната фирма „САРХЕМС“ ќе ги чини граѓаните 72 милиона евра, а нема да биде без никакви трошоци, како што лажеа, рече на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМЕ.

Станува збор за фирмата која беше избрана на повикот за јавно-приватно партнерство за хеликоптерска итна помош.

Јанушев презентираше барање од компанијата до Владата за носење на соодветна уредба со која што ќе се пропише прибирање на надоместокот од столбовите за финансирање, предвидени во договорот за јавно приватно партнерство.

„Барањето е потпишано лично од партнерот на Заев и Рашковски, Саша Џаковиќ и испратено до владата на 17 декември. Освен на спорниот договор, партнерот на Заев и Рашковски се повикува и на одредби од Законот за јавни патишта со што се потврдува сомнежот кој во повеќе наврати го искажавме дека еден од начините на финансирање е можно да биде и преку наплатата на патарините“, кажа генералниот секретар на опозициската партија.

Покрај ова, Јанушев презентираше уште две барања од кои првото се однесува на молба до Заев да обезбеди локација за сместување на хеликоптерите и персоналот.

„Уште една работа на која што укажувавме кога велевме дека физибилити студијата предвидува и директен трошок од државата со оглед на фактот што компанијата сака да и се даде на користење објекти, инфраструктура и опрема на Центарот за обука на пилоти. Повторно ќе напоменам дека во самиот Центар досега се инвестирани 10-тина милиони евра“, кажа тој.

Генералниот скеретар на партијата претстави и документ со кој се бара Заев и Рашковски да овозможат склучување на меморандуми за соработка со државните институции.

„Приватната компанија меѓу другото очекува со овие меморандуми да се регулира и упатување на персонал од составот на наведените државни институции на должност кај приватниот партнер. Веќе предупредувавме дека скандалозниот договор на Заев и Рашковски предвидува ангажман на персонал од МВР и АРМ за приватниот партнер со што се доведува во прашање оперативноста на службите, но и се наметнува прашањето околу плаќањето на персоналот, а и самата потреба со оглед на фактот што МВР веќе извршува и овој тип на мисии“, посочи Јанушев.

Тој додаде дека инволвираните во овој случај го кријат договорот и неговите анекси како што змијата ги крие нозете, но, како што нагласи, повторно се фатени живи.

„Бараме итно да се отвори истрага пред да се направат дополнителни обврски и штети за Република Македонија“, кажа претставникот на ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека одговорност за ваквото однесување ќе има по 12 април.

 

извор: Makfax