Во вечерашното издание на дебатната емисија “Отворено студио” на 24 Телевизија гостуваше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев кој зборуваше за пандемијата предизвикана од Ковид-19 вирусот, справувањето со здравствената и економска криза, како и одржувањето на предвремените парламентарни избори.

Според Јанушев, избрзувањето со организирање предвремени парламентарни избори може само да доведе до зголемување на бројот на новозаболени и за жал починати граѓани.

Гледаме дека во СДСМ за жал има заболени од корона вирусот, некои се и во самоизолација поради превентивни мерки. Тоа укажува на сериозноста на ситуацијата. Не сакам луѓето да мислат дека се ситам поради тоа што се случи во СДСМ, но факт е дека бројот на заразени во партијата се зголеми тогаш кога СДСМ излезе на терен помеѓу граѓаните и организираше партиски состаноци. Тоа не смееше да се дозволи, вели Јанушев.

Вели дека принудувањето на граѓаните да излезат на гласање во вакво време е еднакво на злостор.

Некој ќе треба да одговара доколку се случи нешто несакано. Зарем толку се важни тие неколку денови кои се лицитираат како датуми за изборите, а не се важни животите на граѓаните? Договор ќе се постигне, избори ќе има, но до тогаш ќе работиме сите во служба на граѓаните и нивното здравје, заврши Јанушев.