Бордот на директорите на “Нова љубљанска банка”, неделава до гувернерот на Народната банка на Македонија ќе го достави предлогот за нов директор на “Поштенска банка”, кој ќе треба да добие согласност од врвот на монетарната власт за извршување на оваа функција. Дознаваме дека фаворитот на “Нова љубљанска банка” за прв човек на Поштенска е Јанко Гедрих, во моментов еден од четирите генерални директори на “Тутунска банка” – Скопје. За втор директор, како што дознаваме од наши извори, Словенците се согласни да биде избран кадар од “Поштенска банка”. Со ваков потег, велат наши извори, Словенците имаат расчистено со дилемата околу купувањето на Поштенска. Сепак, од менаџментот на “Тутунска банка” – Скопје, официјално се очекува “Нова љубљанска банка” да се изјасни на почетокот на неделава. Во моментов се работи на протоколот за купување на “Поштенска”, бидејќи како што велат наши извори, првичен договор со доминантните акционери “Европа 92” и “Ноел” за откуп на нивните акции е веќе направен. Останува да се прецизира договорот со “Македонска пошта” за користење на шалтерите преку кои Поштенска го извршува платниот промет. Деновиве ќе биде прецизирано и прашањето, кој ќе се јави во улога на купувач на Банката, дали Тутунска или “Нова љубљанска банка”, но како и да се одлучи, велат наши извори целата работа околу купопродажбата се планира да заврши најдоцна до 20 мај. Наспроти “Нова љубљанска банка”, како што е познато интерес за купување на Поштенска пројави и холандската групација ИНГ, која понудата според најавите ќе ја достави на 7 овој месец. Нивен застапник во преговорите со “Поштенска” како што дознаваме ќе биде “Еуростандард банка” од Скопје. (В.М.Б.)