Актуелниот градоначалник на општина Карпош и кандидат за нов мандат во оваа општина Стевчо Јакимовски, ги оценува постапките на Урбан инвест како очекувани и најавува дека ќе се спротивстави на обвинувањата од кавадаречката компанија. Политички реваншизам или коинциденција е кривичната пријава на Урбан инвест, прашува Јакимовски, од кого фирмата побара кривична одговорност.

“За сите обвинувања постојат надлежни институции и сите наводи од нив ќе може да ги проверат. Она што е индикативно, а со што неуспешно сакаат да се одбранат дека нема политичка заднина во нивните потези, се токму нивните аргументи. Ако на 4 февруари 2013 година е примена пријавата од Урбан инвест” во Државна комисија за спречување на корупција, а на 8 февруари 2013 година е примена кривичната во Основно јавно обвинителство, зошто 16 дена подоцна, токму вчера четири дена по кандидирањето или два дена по потврдата за кандидатурата од ДИК тие го соопштуваат тоа? Коинциденција или злонамерност со политичка заднина и реваншизам?, стои во реакцијата на Јакимовски.

Јакимовски на 16 февруари на само неколку минути пред истекот на рокот поднесе кандидатура за градоначалник на општина Карпош. Откако најавил дека нема да ја почитува одлуката за бојкот, се шпекулираше дека лидерот на СДСМ на Јакимовски му се заканил дека ќе го снајде судбината на Амди Бајрам.