Фармацевтската компанија “Јака 80” вчера изврши докапитализација на “Македонска банка” со 1,73 милиони евра, дознава “Вечер” од официјални извори. Парите на сметката на Банката се префрлени директно од оваа фирма која е доминантен сопственик на 70 отсто од капиталот на Македонска банка. Добро упатените велат дека овој потег е направен со цел да се зајакне билансната позиција на Македонска банка токму сега кога таа е во фаза на изнаоѓање стратешки партнер кој би ја купил Банката. Оттука докапитализацијата, велат наши извори, е добредојдена, иако со задоцнување барем што се однесува до роковите што и ги имаше дадено гувернерот Петар Гошев. Поточно, менаџментот на Банката и нејзиниот газда, контроверзниот бизнисмен од Србија, Јовица Стефановиќ-Нини, кој е сопственик и на “Јака 80”, според роковите од НБРМ докапитализацијата требаше да ја направат до 30 јуни годинава. Бидејќи рокот не беше запазен, гувернерот на банката во јули и го одзеде големото овластување, односно дозволата за работа со странство. За волја на вистината износот на докапитализацијата е под потребното ниво од 2,76 милиони евра, но дознаваме дека во наредните неколку месеци се планира дополнителни средства да “легнат” на сметката на Македонска банка со што во голема мерка ќе се зајакне нејзината финансиска состојба.
Токму тоа треба да биде еден од адутите на Банката во преговори со евентуалните потенцијални купувачи по кои деновиве интензивно трага менаџментот со цел да испочитува уште еден од условите добиени од гувернерот Гошев – до крајот на годинава сегашниот сопственик да продаде 60 отсто од своите акции што ги поседува во Македонска банка.


Весна М. БОЖИНОВСКА