Јавното правобранителство не презело никакви мерки за расчистување на криминалната приватизација на “Славија”, иако Антикорупциската комисија уште пред три години утврдила дека при трансформацијата на фирмата се направени повеќе недоследности и злоупотреби на службената должност од страна на повеќе лица, обвинуваат поранешните вработени. Тие тврдат дека по незаконската приватизација на фирмата околу 1.300 вработени останале без работа. – При трансформацијата на “Славија” и по тој период беа поднесени повеќе кривични пријави против сегашниот газда на фирмата Кирил Кочевски. Тој стана газда кога сам на себе си призна непостоечко побарување од 97 милиони денари од “Европромет” во стечај, кон “Славија” во стечај – обвинуваат поранешните вработени. Тие велат дека се задоволни што нивната колешка Анка Сапунџиева со помош на дел од вработените во “Славија” ги открила двете пресуди на Основниот суд – Скопје 2 со кои се потврдува дека фирмата била криминално приватизирана и со тоа, практично, овозможила да ја почнат постапката пред судот со која се подготвени да ја истераат правдата на виделина.