Нефункционалните кредити на банките и осигурителните компании наскоро ќе се најдат во јавниот регистар. Стопанската комора на Македонија доби обврска од Владата, согласно со новата економска програма, да изготви нацрт-верзија за формирање на јавниот регистар на нефункционалните кредити со што во иднина ќе им се олесни работењето не само на овие финансиски институции, туку и на самите претпријатија – коминтенти на банките.
Според проектот сите побарувања што сега ги имаат банките и ги водат во вонбилансна позиција како ненаплатливи или тешко наплатливи пласмани ќе бидат евидентирани во овој јавен регистар, кој ќе работи како посебен организациски дел на Комората. Притоа, банките и осигурителните компании ќе треба сами да ги пријават овие побарувања, што впрочем ќе биде во нивен интерес. Со ваков начин на функционирање, банките, осигурителните компании, но и останатите правни субјекти ќе имаат можност прецизно да се информираат која фирма колку и на кого должи и врз основа на тоа да одлучуваат дали ќе и одобрат нови кредити или не. Ваквите податоци, потенцираат од Комората, ќе бидат заштитени и дополнително ќе се утврдат правилата кој и како ќе може да ги користи со цел да се избегне нивната злоупотреба. Податоците од јавниот регистар ќе може да ги користат и правните лица со цел точно и навремено да можат да се информираат за бонитетот на некоја компанија, во која сакаат евентуално да инвестираат.
Според официјалните податоци, нефункционалните пласмани на банките се застапени со дури 14 отсто во нивните биланси, што спроед експертите е превисок процент ако се има предвид дека учеството на ненаплатливи кредити во портфолијата на банките во регионот и пошироко е со едноцифрена стапка.
Првичната верзија за формирањето и функционирањето на јавниот регистар на нефункционални кредити е веќе направена и доставена до Владата. Од Комората велат дека одговорот го очекуваат веднаш по одморите и ако се биде во ред, со практичната имплементација би се започнало до крајот на годинава.


Весна М. БОЖИНОВСКА