Американскиот претседател Доналд Трамп ја пренeсе на „инстаграм“ својата битка против демократите за граничниот ѕид , објавувајќи меме инспирирано од „Игра на тронови“ што претходно го искористи за да му се закани на Иран, пренесува РТ.

Фотографијата, која прикажува ограда од остри челични шилци кои ја сечат пустината под намуртениот лик на претседателот, најавува „Ѕидот доаѓа” во истиот фонт што го користи популарната серија на Ејч-би-о.

Трамп еднаш алудираше на шоуто за да му каже на Иран дека „Санкциите доаѓаат” во ноември. Тогаш тој ја објави сликата на Твитер. Меѓутоа, на Техеран тоа не му беше забавно, па лидерот на иранските елитни сили „Кудс“, генерал Касем Солејмани, реагираше во истиот стил со зборовите „Ќе ти се спротивставам“ на „инстаграм“.

На состанокот на кабинетот во средата, Трамп ставил пред себе постер од  „Санкциите доаѓаат”, но не прокоментирал ништо за тоа, предизвикувајќи бурни шпекулации. Се чини дека постот на „инстаграм“ ја решил таа мистерија, сугерирајќи дека претседателот го донел постерот бидејќи сакал меме дизајнирано по ист терк.

Непосредно пред да го објави постот на „инстаграм“, Трамп ги изненадил сите и првпат се појавил во брифингот во Белата куќа, носејќи со себе неколку претставници на граничната патрола, и изјавувајќи дека нема да се повлече од барањето за ѕид на границата со Мексико.

„Можете да го наречете бариера, можете да го наречете како што сакате, но потребна ни е заштита за нашата земја. Без ѕид, не можете да добиете гранична безбедност. Тоа нема да функционира”, рекол тој, а потоа заминал без да одговори на прашањата од новинарите.

извор: Makfax