Досегашниот прв тренер на се уште актуелниот државен ракометен првак Вардар, Драган Ѓукиќ, од вчера не е повеќе на кормилото на “црвено-црните”. На вчерашниот состанок, спонзорот на екипата, Михајло Михајловски одлучи да го смени, а на негово место е наименуван досегашниот негов помошник, Стојан Петрушевски. За причините за смената на Ѓукиќ, Михајло Михајловски, ни рече: – Со пласманот во полуфиналето на КПК постигнавме голем успех, но затоа имавме катастрофални резултати во домашното првенство, каде во план ни беше да ја одбраниме титулата и да го освоиме македонскиот Куп. Уште на полусезоната разговаравме за ова, но очигледно поука немаше – вели Михајловски. Чашата се “прели” на натпреварот во Прилеп со ТК Бренд, каде многу послаба екипа од нас ни откина бод, со што не оддалечи од втората позиција на табелата, која ни даваше шанси да го браниме првото место од лани во првенството. Вака ќе останеме четврти, и што е под ниво на нашиот играчки состав и на реномето на клубот. Ќе играме во Челенџ купот. Во екипата во домашниот шампионат се чувствуваше летаргичност, немање волја и амбиции… едноставно Ѓукиќ не создаде победнички и натпреварувачки дух кај играчите. Сето тоа се рефлектираше на слабите игри и неочекуваните дури пет порази во првенството, од кои два од Пелистер. Неговата улога ја презема Стојан Петрушевски – ни рече на крајот Михајловски. Стојан Петрушевски е вечен “џокер”, кога се менуваа првите тренери на Вардар. Така беше кога во Лигата на шампионите, заради слаби резултати, добија отказ Љубо Обрадовиќ и Јошко Петковиќ, а Столе со голем успех ги продолжуваше натпреварите. Веројатно, спонзорот Михајловски сега ќе му даде шанса да ја води екипата на подолго време. (В.П.)