Техничкиот преглед на „Дурмо турс“ добил забрана, но по неколку дена решението е поништено, изјави на прес-конференција, Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека компанијата „ДУРМО ТУРС“ која е сопственик и превозник чиј автобус излета од патот, била воедно и сопственик на станица за технички преглед „Авто мото здружение“- Гостивар. Она што е сомнително, подвлече Ѓорѓиевски,  е што истата „ДУРМО ТУРС“ своите возила ги регистрирала токму во сопствениот технички преглед во Гостивар.

„Станицата за технички преглед „Авто мото здружение“-Гостивар, добила забрана за вршење на технички преглед од страна на Министерството за внатрешни работи, но само по неколку дена вршен е нов надзор и решението за забрана им е поништено. Прашањето е зошто дозволил министерот иако по закон е изречена забрана за вршење на технички преглед во времетраење од 30 дена, да се изврши нов надзор за само 7 од 10 дена односно повторен увид и врз основа на записник и мислење од Бирото за јавна безбедност – сектор за сообраќајни работи да му издаде ново решение за работа, што е спротивно на закон за давање и одземање овластување за технички преглед“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој праша кој го потпишал записникот за увид, кој излегол на увид и со чија наредба, иако знаел дека во законски предвидениот рок од 30 дена не смее да врши увид се отстранети сите неправилности.

„Дали за време на за забраната е вршен технички преглед, а потоа се дерегистрирани сите возила што се поминати за време на одземеното овластување. Зошто не е санкционирана станицата за вршење технички предглед за стореното кривично дело? По закон станиците треба да го чуваат видео надзорот 12 месеци. Дали се извадени снимки од видео надзорот за да се утврди дали автобусот бил во станицата и на кој начин е вршен технички преглед?“, праша Ѓорѓиевски.

Додаде дека мора да има одговорност и да се расветли случајот каде несреќно го загубија животот 15 луѓе и уште толку беа повредени.

извор: Makfax