Процесот на ветинг во Министерството за внатрешни работи е промашен уште од самиот старт, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

Отворено се сомневаме, рече Ѓорѓиевски, дека целта на овој процес е справување на сите професионалци кои не може да бидат уценети и условени за да ги спроведуваат криминалните политики на Зоран Заев и Оливер Спасовски.

„Составот на работната група која што ќе го реализира ветингот е сомнителен, со лица блиски до Спасовски кои му должат или пак кои зависат од неговите одлуки. Никола Дујовски, кој ќе ја води работната група има директен конфликт на интереси. Затоа прашуваме, дали неговата сопруга е вработена пред неколку месеци токму од Оливер Спасовски? На кое работно место, со колкава плата и под кои услови? Како може да се очекува независна одлука од Никола Дујовски, кога истиот е под целосна контрола на Спасовски ? Доколку Дујовски и Спасовски молчат за ова вработување, јасно е дека претседателот на работната група само ќе ги реализира политичките нарачки на министерот“, прашува опозициската партија.

Оттука прашуваат и колку членови од работната група имаат вработено свои брачни партнери, деца и внуци во МВР, како и колкумина од нив напредувале благодарение на влијанието кои го имале членовите на работната група.

извор: Makfax