ВМРО-ДПМНЕ денеска од прес-конференција одржана пред просториите на „Службениот весник“ истакна дека она што е донесено со газење на Уставот, не може да биде Закон.

„Секое објавување во „Службен весник“ на т.н закон за употреба на јазиците без претходен потпис од страна на претседателот на државата, Ѓорге Иванов не е ни легално, ни легитимно и сноси не само политички туку и правни последици. Тука пред просториите на Службениот весник уште еднаш предупредуваме дека незаконското објавување на законот се смета за злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година, две или три за да може сторителот да биде амнестиран од судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети по буџетот на Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години“, предупреди Орце Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој изрази надеж дека Службениот весник нема да го дозволи законот да виде објавен, бидејќи спротивната постапка носи и кривична одговорност.

 

извор: Makfax