ШУМАХЕР, КАКО ТАЈФУНОТ “МО-АН”
Шесткратниот светски првак, Германецот Михаел Шумахер (Ферари), во неделата во Јапонија ја оствари својата 13- та победа сезонава и шеста на истата патека, откако 53 круга ги извозе со просечна брзина од 218 км/ч. Тој влезе на целта со цели 14 секунди предност во однос на брат му Ралф (Вилијамс), а 19,6 пред Џенсон Батон од БАР. Иако последните три дена во Јапонија дуваше силен ветер и врнеше дожд, а организаторите се исплашија и од силниот тајфун “мо-ан” кој, сепак, ја одмина патеката, стартот на трката беше по сончево време, а патеката беше сува. Шумахер одлично стартуваш е и ја поведе трката пред Ралф, а до крајот не се смени ништо. Тој, по три трки без победа, лесно и убедливо триумфираше и стана рекордер со 146 поени во една сезона. Претходно, рано изутрината на официјалниот тренинг, светскиот првак го изедначи и рекордот на Аиртон Сена со 8 освоени пол-позиции на една патека. Од 14 трки во Сузука, Шумахер 8 пати стартува- ше прв, додека на Сена му требаа 10 трки за истиот скор на несреќната патека во Имола. До крајот на првенството остана уште само една трка, што ќе се вози на 24 октомври, за Големата награда на Бразил. РЕЗУЛТАТИ ОД СУЗУКА: 1. М. Шумахер (Ферари) 1:24:26,9; 2. Р. Шумахер (Вилијамс) + 14 сек.; 3. Џ. Батон (БАР) + 19,6; 4. Т. Сато (БАР) + 31,7; 5. Ф. Алонсо (Рено) + 37,7; 6. К. Раиконен (Мекларен) + 39,3; 7. Х. Монтоја (Вилијамс) + 55,3; 8. Џ. Физикела (Заубер) + 56,2. ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН НА ВОЗАЧИ: М. Шумахер 146, Р. Барикело 108, Џ. Батон 85, Ф. Алонсо 54, Х. Монтоја 48 поени… ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН НА КОНСТРУКТОРИ: Ферари 254, БАР 116, Рено 100, Вилијамс 74, Мекларен 61 поен…