Во штотуку завршениот мини-зимски, преоден рок за кошаркари најбериќетен беше тимот на МЗТ Скопје 2000, кој успеа во своите редови да ги донесе Хаџивасилев, Гаштарски, Радуловиќ и Николовски. Иако имаше договорна обврска со клубот “штрковите” му дозволија на Димитар Караџовски предвреме да го напушти клубот со соодветно обесштетување. Поради заминување на нова должност кошаркарската кариера ја заврши и Ѓорѓе Војновиќ. Екипата на Вардар Линеа, дебитант во прволигашкото друштво во желба да го одбегне најлошото, селидба во понизок ранг во овој рок ги ангажира Граматиков, Милановски, Захариевски, Станимировиќ, Илиевски и Кочов. Челниот на табелата Вардар Осигурување се задоволи со две принови: Ѓуровски и М.Поповски. Актуелниот шампион, екипата на Ф.Работнички во преостанатиот дел од натпреварувачката сезона ќе може да смета и на Срѓан Станковиќ, кој доби право да игра и на домашната сцена, како и на младиот Соколовски. Со цел поголемиот дел од времето да не го минуваат на клупата, луѓето од Ф.Работнички се согласија дури тројца играчи да заминат во други средини – Павловски, Кочов и Захариевски. Струшкиот прволигаш ФОН ги ангажира Павловски, Кузмановски и Игор Трајковски, додека во редовите на Соко Штарк Карпош Соколи од повеќето неафирмирани имиња единствено го привлекува она на ветеранот Будимир Јоловиќ. Во редовите на Маврово од Гостивар се најдоа две познати имиња – Игор Михајловски и Јончевски, кои треба да придонесат за стабилизирање на формата на екипата, која посакува да се најде меѓу шестмината учесници во трката за шампионската титула. Со ова списокот на евентуалните засилувања на екипите не е комплетиран бидејќи одделни клубови документациите за приновите ги имаат доставено во пошта се уште не е пристигната во КФМ. (С.Т.)