Кошаркарите на Вардар Осигурување ја пропуштија последната шанса со евентуална победа над МЗТ Скопје 2000 да останат во трката за првото место на табелата, пред стартот на разигрувањето за титулата во кое ќе играат првите четири екипи. Но, затоа пак и покрај поразот од “штрковите”, вардарци веќе го освоија првиот поен во меѓусебните дуели со завчерашниот противник со кого ќе се сретнат и во полуфиналето (вардарци прокнижија три победи над МЗТ Скопје 2000 во лигашкиот дел). Ако во првото полувреме видовме колку-толку изедначена игра со минимална предност на двете страни, во третата четвртина вардарци се натпреваруваа кој повеќе ќе згреши во шутирањето тројки и на крајот не треба да изненадува што имаа катастрофална реализација од 34-6. Но, мора да се признае дека и домаќините се виновни за ваквото нешто, бидејќи играа солидно во одбраната и со брзи контри ја зголемуваа предноста, најголема во 37 минута – 80:64. На крајот МЗТ Скопје 2000 ја заслужи победата, беше подобар, помотивиран, помалку грешеше, а во одделни моменти беше и поатрактивен за гледачите. Актуелниот шампион Ф. Работнички немаше тешка задача во дуелот со Поло Трејд. Впрочем за тоа најдобро зборува и крајниот резултат изразен со позитива од 26 кошеви. Скопјани беа шутерски расположени, постигнаа дури 13 тројки, што гледано во целина беше и решавачко за крајниот исход. Оној момент кога “шпедитерите” стигнаа и до плус 29 поени (65:36) на паркетот ги видовме играчите кои обично седат на клупата, а тоа секако придонесе и за големата резултатска разлика на крајот од мечот.