Воздухопловните техничари од Контролата на летање од утрово стапија во штрајк, но остануваат во работните простории се до исполнување на барањата. Струковиот синдикат на воздухопловно-техничкиот персонал сепак, остава резерва, ако со надлежните биде постигнат договор, штрајкот ќе биде прекинат. ”Директорот на УЦВП, Илир Мехмеди не предупреди дека не е спорно нашето легитимно право да штрајкуваме, но дека и во штрајк мора да работиме, што е “нон сенс” и го нема никаде. И министерот за транспорт и врски, Џемали Мехази ни се закани дека нема да се оствари за денеска во 12 часот, закажаната средба со премиерот Владо Бучковски, каде што треба да се разговара за нашите легитимни барања. Од досегашните преговори со надлежните нема никаков напредок. А ние само бараме она што ни следува според законите во оваа држава”, вели претседателот на овој синдикат, Милорад Милановиќ. Од Управата за цивилна воздушна пловидба вчера соопштија дека двата аеродроми ќе бидат отворени за сообраќај, бидејќи и во случаи на штрајк тие се обврзани да овозможуваат минимум сообраќа, што значи овозможување на полетување и слетувањед од аеродромите, како и прелети. (С. Бл.)