Четиричасовната средба во саботата меѓу директорот на УЦВП, Илир Мехмеди и претставник на Министерството за транспорт и врски со штрајкувачкиот одбор, резултираше со прекин на штрајкот на воздухополовните техничари и негово ставање во мирување, барем до денешната седница на Владата, која треба да одлучува по нивните барања. Управата се согласила да им ги зголеми платите на техничарите за 20 отсто, како што бараа и токму за тоа ресорниот министер Џемали Мехази ќе го извести владиниот кабинет, кој треба да ги дефинира изворите од каде дополнително ќе се бараат пари. На штрајкувачите им било посочено дека се изработува студија во која ќе биде решено нивното барање за обезбедување мерки за заштита при работа (веќе се пресметувало и колку ќе чини новата работна облека), а дополнително ќе се преиспитува законската регулатива околу барањето за осигурување на техничарите. Во врска со обвинувањата за запирање на нетранспарентниот процес на трансформација на Управата за цивилна воздушна пловидба, на штрајкувачите им било ветено дека во овој процес ќе биде вклучен и претставник на Струковиот синдикат на воздухопловните техничари. Поради обвинувањата од министерот Мехази дека штрајкот има политичка заднина, штрајкувачкиот одбор го повлекол барањето за смена на директорите во Управата. За синоќа беше закажана средба на штрајкувачите со премиерот Владо Бучковски, од кого очекуваат да ги апсолвира веќе договорените ставови. Тие очекуваат дека нивните барања ќе бидат прифатени, бидејќи во спротивно, штрајкот повторно ќе биде активиран. (С. Бл.)