Штрабаг се врати
Австриската компанија “Штрабаг”, која е една од најголемите градежни конзорциуми во Европа, е заинтересирана за изградба на делници од меѓународниот Коридорот 10. Сега, “Штрабаг” за концесии за патиштата ќе конкурира на меѓународниот тендер што ќе го објави Владата на премиерот Никола Груевски, откако поранешниот министер за транспорт Џемали Мехази културно ги избрка австриските инвеститори од земјава образложувајќи им дека Македонија се уште не е подготвена да ги понуди патиштата под концесии.
Министерството за транспорт во соработка со Фондот за патишта веќе објави тендер за избор на консултантска куќа, која треба да направи анализа, односно предфизибилити студија за Коридорите 8 и 10, со која ќе се оцени кој дел од патиштата се профитабилни, по што ќе се направи стратегија. Консултантот ќе има обврска и да анимира идни концесионери и да подготви нацрт-концесиски договор. Тој треба да се избере до март следната година и во рок од 15 месеци да го подготви меѓународниот тендер.
– Патиштата во земјава ќе бидат дадени под концесија, но тоа ќе биде направено на транспарентен начин преку тендер. Тој што ќе понуди најдобри услови ќе ја добие концесијата – вели министерот за транспорт Миле Јанакиески.
Тој потенцира дека Владата е отворена кон странските инвеститори.
– Се обврзавме на транспарентност за секој процес што ќе го водиме, без разлика дали ќе биде за издавање на ЦЕМТ-дозволи, за концесии за аеродроми или за автопатиштата – рече Јанакиески.
Штрабаг лани дојде со 100 милиони евра
“Штрабаг” мината година во Македонија дојде со понуда да ја гради делницата од Демир Капија до Смоквица, дел од Коридорот 10, за што беше спремна да вложи околу 100 милиони евра. За возврат, компанијата бараше од Владата да добие концесија за патот, кој според проектот, треба да биде долг 33 километри. Проектот за изградба на делницата од Демир Капија до Смоквица беше промовиран пред владини претставници од составот на минатата влата, но не доби никаква поддршка.
Во Владата оценуваат дека единствено со давање под концесија на дел од делниците на автопатот Скопје-Гевгелија (Коридор 10) може да се привлечат инвеститори што ќе ги изградат.
Австријците допрва ќе пресметуваат колку години треба да стопанисуваат со автопатот за да си ги вратат вложените пари. “Вечер” дознава дека ако Австријците утврдат дека парите што би ги вложиле во изградба на автопатот, не ќе можат да ги повратат, може да побараат и концесија на целиот автопат од Табановце до Гевгелија. Тој е долг околу 180 километри.
“Штрабаг” е една од најголемите градежни компании во Европа и веќе работела во Хрватска, Бугарија и во Албанија.
Интерес и за автопатот од Демир Капија до Удово
“Штрабаг” има интерес и за автопатот од Демир Капија до Удово. Според проектот за овој автопат постојат две траси по кои може да се гради делницата. Првата варијанта предвидува делницата од Демир Капија до Смоквица да поминува преку Удово. Но, според проектантите треба да се прифати втората варијанта, според која, Демир Капија директно се поврзува со Смоквица. Ова делница ќе биде долга 28 километри и може да се изгради за пократко време. Ако се избере оваа траса, нема да се уништи патот што сега го користи локалното население и нема да има застој во сообраќајот. Изградбата на делницата и по оваа траса ќе чини околу 100 милиони евра.
Радмила Ј. НИКОЛОВСКА