Извештајот за разрешување на специјалната обвинителка е се уште во кабинетот на собранискиот спикер. Засега не е познато кога доверливиот документ кој содржи докази за случајот Рекет ќе се најде пред комисијата за избори и именувања. Заради истрагата која е во тек, седницата на која ќе се разгледува извештајот, најверојатно ќе се одвива без присуство на јавноста. Речиси во исто време, со дебатата за разрешување на Катица Јанева, Собранието ќе го разгледува и предложениот закон за Јавно обвинителство со кој се решава и статусот на специјалното обвинителство..

Владеачката партија денеска ја повика опозицијата да придонесе во донесување на законот, за како што велат од СДСМ, да се покаже дека ВМРО-ДПМНЕ навистина сакаат правда и неселективно владеење на правото.. Од власта велат дека во тек се и преговорите со опозициската партија, но засега нема напредок за постигнување компромис..

За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најголем непријател на правдата е актуелната влада.. Мицкоски синоќа од Штип порача дека власта не треба да се надева на нов пржински договор, и како што рече, преку инсталации во обвинителството да се пресмета со политичките неистомисленици..

Инаку власта потврди дека нема да го менува законот за совет на јавни обвинители за да се назначи в.д специјален обвинител.. Во владата веруваат дека и сега советот има законска можност за тоа иако е непосакувано сценарио..