Во денови кога е екстремно загадено, подобро е граѓаните да не излегуваат и да не се изложуваат на загаден воздух, но доколку мораат да излегуваат, се советува да носат маски.

Особено треба да внимаваат хронично болните, астматичарите, трудниците со ризична бременост, па и децата. Поради загадениот воздух граѓаните може да се пожалат на солзење на очите, течење на носот, печење во грлото, појава на одредени алергии. Но, долгорочното изложување на загаден воздух, во комбинација со генетските предиспозиции, после години може негативно да се одрази на човековото здравје.

„Подобро е луѓето да седат дома, затоа што домашната атмосфера е најдобра опција кога има високо загадување. Но, не можат сите да бидат дома, мораат луѓето да одат на работа, и затоа се препорачува да носат маски за заштита. Доколку се работи за кратко изложување на загаден воздух, еден до два часа, тоа нема да предизвика проблеми, но секое подолго задржување надвор бара маска. Колкави ќе бидат последиците зависи и какви честички има во воздухот, дали е тоа загадување од комунален отпад, индустрија и слично“, вели Јорданка Кржевска, лекар.

Македонските градови се високо загадени, почнувајќи од Тетово, Куманово, Скопје, Битола, Струмица, па сѐ до Охрид за кој оваа сезона се покажа дека има загаден воздух.

„Последици ќе има за сите, и тоа и веднаш ќе се види. Но, иако новинарите и граѓанските организации ја размрдуваат „тињата“, сепак политичарите се занимаваат со сѐ, само не со здравјето, а здравјето треба да биде број еден. Белите дробови се многу чувствителни, а сите тие честици кои ги дишеме се таложат во нив. Ние пријавивме случај на горење на автомобилски гуми, поминаа три недели, никој не реагираше“, рече Јорданка Калајџиеска, екологист од еколошкото друштво „Виножито“ од Штип.

Освен што загадувањето во Македонија придонесува за бројни смртни случаи, кои според проценки на релевантни светски и европски институции се движат и до над 3.000 на годишно ниво, загадувањето сериозно влијае и на македонската економија.

Светска банка проценува дека поради загадувањето, македонската економија, од прогласувањето на независност до 2017 година, годишно губи 3,2 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), што за сиромашна земја како Македонија е голема загуба.