Штитеник на ЈУ „25-ти Мај“ заедно со уште две други малолетни деца од паркинг простор кај Транспортен центар украле возило марка „Пежо“ со скопски регистерски таблици, и тоа најверојатно со оригиналниот клуч, кој бил во контакт бравата на возилото, соопшти полицијата.

Во полициското соопштение е посочено дека во текот на денешниот ден добиле пријава од 36-годишен скопјанец дека во периодот од 18 декември од 19 часот и 30 минути до раните утрински часови некаде околу 04:30 часот од паркинг простор кај Транспортен центар од страна на непознат сторител е одземено возило Пежо со скопски регистерски таблици, најверојатно со оригиналниот клуч, кој бил во контакт бравата на возилото.

По преземени мерки и активности од страна на СВР Скопје, утврдено било дека делото го сториле 13-годишно момче-штитеник на ЈУ „25-ти Мај“ заедно со уште едно 13-годишно, како и едно десетгодишно момче.

„Момчето кое го управувало возилото околу 03 часот на булевар Илинден изгубило контрола над возилото и се превртело во канал каде се изведувале градежни работи. Трите момчиња се пренесени во ГОБ „8-ми Септември““, стои во соопштението на полцијата.

Отатму додаваат дека за случајот е известен јавен обвинител од ОЈО Скопје, како и родителите на малолетниците и социјален работник. По документирање на случајот до Основното јавно обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок.

извор: Makfax