Штипскиот Основен суд донесе одлука за блокада на сметката на грчката фирма Интраком Констракшнс – Интеркат, која ја гради новата клиничка болница во Штип.

Спорот меѓу Бетон Штип и грчки Интракат е за долг од околу 2 милиони евра кои според судот, грчката фирма како изведувач на проектот и ги должела на Бетон како подизведувач.

Од страна на ГТД Бетон АД Штип – во стечај, на 20 февруари била поднесена тужба со предлог за издавање судски платен налог против Интраком Констракшнс – Интеркат Грција, подружница Скопје. 

Постапувајќи по тужбата, судијата 3 дена подоцна донела решение со кое се усвојува предложениот судски платен налог, а решението и тужбата со доказите е доставено до фирмата изведувач на проектот. Бидејќи тужениот не поднел приговор, ниту жалба, решението станало правосилно на 8-март годинава. 

Сумата за која се терети грчката фирма не била исплатена, па по завршувањето на забраната за извршување, извршител им ја блокирал сметката на Интеркат-Грција. Со ова дополнително се коплицира проблемот со изградба на болницата, чии рокови за финализација на градежните работи се пробиени уште пред 3 години.