Грчките власти уапсија две лица обвинети за шпионажа во случај што може дополнително да ги влоши односите меѓу Грција и Турција. Еден од осомничените е идентификуван како 35-годишен секретар во турскиот конзулат на островот Родос и доби рок до понеделник да ја подготви својата одбрана, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Другиот осомничен на возраст од 56 години, бил вработен како готвач на патнички траект што ги поврзува Родос и останатите острови покрај турскиот брег. 56-годишниот осомничен е уапсен во неговата куќа во Комотини во североисточна Грција во петокот наутро по потерница распишана од обвинител од Родос.

Тој е пренесен на Родос, каде се очекува да побара време за да ја подготви својата одбрана. 56-годишниот осомничен од самиот почеток признал дека бил регрутиран од секретарот за да му обезбеди информации за движењата на грчки вооружените сили на југоистокот на Егејот, поточно на Родос, Мегиста и во други области.

35-годишниот осомничен рече дека неговите главни должности во конзулатот се административни работи и културни активности. И двајцата изјавија дека се сретнале на настан минатото лето и оттогаш одржуваат пријателски односи.

извор: Makfax