Во изборната програма на Шилегов пишува дека многу брзо ќе почне изградабата на северен секунадарен сообраќаен прстен кој подразбира изградба на 36 километарски булеварски прстен за поврзување на општините Кисела Вода преку булеварот Србија со општините Гази Баба, околу населбата Железара и ново булеварско решение за поврзување на Чаир и Бутел и спојување со булеварот Словенија кој треба да продолжува до Влае, Ѓорче Петров и Волково.

Предвидена е и изградба на мост на реката Вардар и тунел под Кале. Мост ќе се гради и во населбата Карпош 4 за поврзување со булеварот Скупи.

За раскрсницата кај Мавровка новиот градоначалник предвидува нивелација на раскрсницата и непречено одвивање на сообраќајот на оваа „црна точка” за движењето на возилата во Скопје.

„Ние имаме системски пристап за изградба на инфраструктурата во Скопје за растоварен и безбеден сообраќај за современ начин на комуникација и современ јавен превоз”, изјавуваше за време на кампањата Шилегов.

Предвидена е изградбата на уште еден тунел за поврзување на општините Аеродром и Кисела Вода – спојување булеварите „Борис Трајковски” и „Трета македонска бригада”.

Шилегов предвидува да го обнови железничкиот прстен околу Скопје (шест железнички станици), воведување на градски воз со кој од Драчево до Скопје Север ќе се дојде со воз за 10 минути, и од тука со автобус или велосипед за кратко си во центарот на градот.

„Сакаме систематско решение. Сакаме коридори што ќе го поврзат градот, што ќе служат на сите подеднакво. Даваме приоритет на транзитните и градските магистрали. Досегашниот автоцентричен дизајн на улиците целосно го отфрламе, бидејќи улицата не е само коловоз. Секоја идна улица, мост или булевар во Скопје ќе има задолжителен хуманизиран и безбеден простор за пешаци, велосипедисти и јавен превоз”, изјави Шилегов и додаде дека овие решенија се однесуваат и на заштитата на животната средина и загадувањето.