Шест месеци откако вооружен напаѓач уби 51 лице во две џамии во Крајстчерч, владата на Нов Зеланд планира дополнителни ограничувања на поседувањето на оружјето.

Предлог-законот, претставен во парламентот во петокот, ќе создаде регистар за да се следат сите пиштоли во земјата и да се бара од сопствениците на оружје да ги обноват лиценците на секои пет години, наместо на секои десет. Исто така, ќе се постават нови одговорности на лекарите да ја известат полицијата ако веруваат дека сопственикот на пиштол не треба да има лиценца поради загриженост во врска со менталното здравје на сопственикот.

Владата се надева дека законодавците ќе го одобрат законот до крајот на годината.

Предложените мерки следуваат откако Нов Зеланд во април донесе закон со кој се забранува автоматско оружје, како што се пушките АР-15.

Владата воведе шема за откуп, за да ги компензира сопствениците на оружје и досега собра околу 19.000 оружја и 70.000 делови. Откуп на оружје ќе трае до декември.

Премиерот Џacинда Ардерн пред новинарите во Крајстчерч рече дека фокусот останува на спречување на друг напад како оној на 15 март. Таа рече дека нападот изразува слабости во законите за оружје,додавајќи дека владата работи на нивно поправање.

„Апсолутно признаваме дека постои легитимна потреба во нашите заедници за пристап до оружје, особено на нашата рурална заедница“, рече Ардерн. „Но, она што го прават овие промени е да се признае дека всушност постои реална одговорност што доаѓа со поседувањето на оружје“.

извор: Makfax