Се е подготвено за јубилејното 40. издание на традиционалната меѓународна скијачка манифестација Шарпланински куп, која од денеска до недела ќе се одржи во скијачкиот центар Попова Шапка. Годинава на Купот ќе настапат 50 скијачи од 16 европски земји, а организаторот најави дека за прв пат ќе учествуваат и натпреварувачи од Русија, Украина, Грузија и Унгарија.
-На наше задоволство квалитетот на Шарпланинскиот куп од година во година се повеќе расте, а најново е што за првпат ќе учествуваат учесници од Русија, Украина, Грузија и Унгарија. Ова би требало да го подигне реномето на Шарпланинскиот куп, кој долги години ја негува традицијата, изјави претседателот Димитар Танурков.

Македонија ќе ја претставуваат шестмина скијачи: Антонио Ристевски, Дардан Деари, Марјан Нашоку, Бесер Илјази, Гентијан Куртеши и Меритон Емири. Најголем фаворит за севкупен триумф, според директорот на трката Бојан Крижај, е Словенецот Миха Кирнер, кој воедно има и најдобри ФИС бодови.
-Оваа година квалитетот на Шарпланинскиот куп е како никогаш досега. Ние на оваа манифестација досега не сме имале скијач како Кирнер. Можам да кажам дека патеките се одлично подготвени, има многу снег, а се надевам дека и временските услови ќе бидат во наша корист, за време на трките, изјави Крижај.

Официјалното отворање на Шарпланинскиот куп е закажано за денеска во 15 часот, додека утре е трката во велеслалом на патеката Орловаа, а слаломската трка на патеката Езериноо, која воедно треба да го даде и севкупниот победник, ќе се вози в недела со почеток во 9 часот. Севкупниот победник, освен традиционалната награда куче шарпланинец, ќе добие и парична награда од 3.000 евра.

(С.Та)