Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска го пречека потпретседателот на Националниот комитет на кинескиот политички и консултативен совет на 13. Национален конгрес, Џанг Чингли.

Како што информираат од министерството за одбрана, за време на средбата биле потенцирани одличните релации меѓу двете земји и народи, базирани на меѓусебна доверба и почитување.

Шекеринска ја поздравила соработката која Македонија и Кина ја остваруваат на полето на економијата, културата, образованието, како и Иницијативата 16+1 која таа ја оценила како позитивен пример за улогата која голема земја и економија може да ја има во контекст на зајакната регионална соработка, а ја поздрави и се заблагодари и за соработката во доменот на одбраната.

Шекеринска упатила и благодарност за поддршката од кинеската амбасада и добрата соработка со Амбасадорката и военото аташе.

Потпретседателот на Националниот комитет на кинескиот политички и консултативен совет на 13. Национален конгрес, Џанг Чингли, се заблагодарил за топлиот прием во земјата и истакнал дека е импресиониран од убавините на земјата, метафорички споредувајќи ја посетата на охридскиот регион со движење низ уметничка слика.

Тој ги поздравил динамиката на развојот и позитивните промени во македонското општество и подготвеноста на Владата да го подобри животот на граѓаните во земјата. Информирал и за мерките кои Кина ги презема за борба против сиромаштијата и успехот кој е постигнат на ова поле како и за чекорите кои се преземаат во контекст на постигнување на брз раст на економијата.

извор: Makfax