Државата го евидентираше првичниот ефект од зголемување на цената на цигарите од 9 до 22 насто, односно еднократно во просек за 15 денари. Тоа е рапиден пораст на шверцот со цигари и енормен пад на легалното производство во комбинатите. Според првичните, но се уште нецелосни сознанија, најверојатно првиот месец од дејствувањето на оваа владина одлука за еднократен данок, ќе резултира со пад од околу 80 отсто на производството и продажбата на цигари. За речиси ист толкав процент се очекува да “пламне” профитот на црноберзанците на Бит Пазар, но и на производителите на црно, (симболично наречени “трета смена” кога и се прават нелегалните цигари по комбинатите) што ги има во Македонија. На растечкиот шверц со цигари не реагираше досега ниту една институција на државата (Министертвото за финансии односно контролите, пазарните инспекции, МВР) но затоа се огласи опозицијата. Таа излезе со примерок од фалс производство на цигарите “19” во Тутунскиот комбинат во Прилеп на кои беше залепена нелегална бандерола од цигарите “лорд”. Ова беше повик до Власта дека токму во нејзините комбинати се работи на црно, но Владата остана да молчи.
Според информацијата што ја добивме во самата фабрика за цигари во Прилеп, точно е дека станува збор за нивно производство, но не наменето за пазарот. Имено станува збор за неколку килограми цигари изработени на една машина “пакирка ЏД” каде се прават пробни серии. Внатре вработени во Комбинатот ја искористиле можноста и рачно залепиле бандероли од “лорд” цигари кои оваа фабрика ги правеше во раните 90-ти. Само четири кутии, енергично тврдат во ТК Прилеп се изнесени од фабриката и директно однесени во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје за политички цели, тврдат компетентни извори во прилепската фабрика. Ние, велат во фабриката, дури самите побаравме контрола од Финансии на издадените маркички и побаравме да се приложи фискален доказ дека споменатите цигари се купени во која било продавница во земјата.
Додека Прилеп се вади на политика, за Бит Пазар нема никакво оправдување. Таму може да се најде фалс “партнер” од Куманово, фалц “бренд” од Арачиново и што уште не, велат упатени во бизнисот. Таму сите цигари се по стара цена и драстично е зголемен мотивот за шверц. Она што е клучно прашање велат упатените е кој го зема профитот од црниот бизнис, па оттаму и одговорот зошто властите се уште официјално не реагираат на него.


Виолета ЦВЕТКОВСКА