Насилна толпа во шведската општина Ронеби брутално претепала момче кое се обидувало да спречи палење на црква за време на немирите, пренесува Шведското радио.

Наем Суфан, кој бил повреден заедно со полицаец, вели дека видел неколку млади луѓе кои протестирале во саботата вечерта и се обиделе да ја нападнат црквата.

„Бев во црквата во 21 часот и 50 минути и видов луѓе кои се обидоа да ја запалат. Имаше многу млади и возрасни. Затоа застанав пред вратата и реков: „Не можете да го направите тоа“. Потоа го изгаснав огнот со јакната, но тие почнаа да ме клоцаат и да ме тепаат. Се обидоа да влезат во црквата, но не можеа да ја отворат вратата “, вели Суфан.

Суфан објасни дека демонстрантите биле бесни што тој ја штити црквата.

„Ме прашаа: Ја браниш црквата? Потоа почнаа да ме клоцаат, да ме удираат се додека моето рамо целосно не попуштио. Воопшто не го чувствувам,“ раскажува тој.

Суфан, кој и самиот е мигрант, вели дека не е задоволен од однесувањето на новодојденците во Шведска.

„Целосно сум разочаран кога гледам мигранти како го прават ова. Јас сум мигрант. Не разбирам, Шведска ни даде сè. Ни дадоа мир. Дојдовме од војна, ние не треба да создаваме војна тука “, рече тој.

Немирите и обидот за палење на црквата во општината доаѓаат само неколку дена откако седум дена по ред беше вандализирана црквата во Малме. Малме беше сведок и на масовни немири минатиот викенд откако активисти против исламот запалија копија од Куранот. Најмалку 300 луѓе се собраа, запалија возила и други предмети и фрлаа камења кон полицијата.

 

извор: Makfax