Шедска го привлече светското внимание со својот модел за справување со пандемијата, бидејќи земјата остана отворена, а сега ваквиот пристап се случува повторно – тие одбиваат да препорачаат употреба на маски, пишува „Еурактив“.

Иако поголемиот дел од светот се помири со потребата од покривање на носот и устата, Швеѓаните одат надвор, патуваат со јавен превоз, одат во продавници и училишта без маски, односно ретки се оние кои ги носат.

Експертите за јавно здравје тврдат дека маските не се доволно ефикасни во спречување на ширењето на вирусот, инсистирајќи на тоа дека е поважно да се следат препораките за физичко растојание и миење на рацете.

Шведска е седма по бројот на смртни случаи по жител – 575 починати на милион жители. Претежно се работи за неуспешни обиди за заштита на старите лица во домовите за време на раните фази на пандемијата.

Шведска никогаш не ги затвори училиштата, бизнисите, кафулињата и рестораните и имаше постојано високо ниво на пренос.

Сепак, за разлика од многу европски земји кои бележат повторна појава на случаи, се чини дека шведските бројки се намалуваат.

Дневниот биланс на починати во Шведска достигна максимум во април и сега се сведува на само неколку смртни случаи на ден, а тој број постојано се намалува од почетокот на јуни.

Државниот епидемиолог Андерс Тегнел од Агенцијата за јавно здравје тврди дека здравствените студии не докажале оти маските ефикасно го ограничуваат ширењето на вирусот, сугерирајќи дека ако не се користат добро, тие можат да направат повеќе штета отколку корист.

Од друга страна, КК Ченг, епидемиолог од Институтот за применети здравствени истражувања на Универзитетот во Бирмингем, смета дека ваквото објаснување е неодговорно и тврдоглаво и ја повика Шведска да ја смени својата позиција.

Соседните држави на Шведска долго време ја доведуваа во прашање употребата на маски, но во последните недели го утврдија ставот.

Финска препорачува носење маски на јавни места, Норвешка во јавниот превоз во Осло, а во Данска носењето маска е задолжително во секој вид на јавен превоз и такси.

извор: Makfax