Шведска, која веќе има една од најцрните статистики за смртни случаи од коронавирус по глава на жител, во вторникот соопшти дека е можно сценарио за уште 3.000 смртни случаи.

Оваа прогноза е од едно од трите сценарија што ги има шведската Агенција за јавно здравје во поглед на епидемијата.

Шведска во вторникот имаше вкупно 5.646 смртни случаи и 78.166 потврдени инфекции, што ја прави меѓу најтешко погодените земји во светот, иако властите истакнуваат дека инфекцијата забавува, како и дека се намалува бројот на сериозни и смртни случаи.

Според Агенцијата, најверојатно сценарио е дека откако ќе се забави епидемијата, ќе се создадат жаришта низ целата земја, што ќе биде полесно или потешко да се контролираат.

„Тоа е сценарио што е веќе видено во другите делови на светот и се чини дека е вообичаена рута по која се движи Ковид-19“, рече главниот епидемиолог Андерс Тегнел.

„Во таа варијанта, поради олеснувањето на мерките, стапката на инфекција би се зголемила брзо бидејќи луѓето би се дружеле повеќе, но исто така брзо и би започнала да паѓа во моментот кога населението ќе сфати дека постои ризик и ќе почне посериозно да се придржува кон одредени правила како што е физичката оддалеченост“, објаснува Тегнел. Според ова сценарио, би умреле уште околу 3.200 луѓе.

Во најлошото сценарио се предвидени уште 5.800 смртни случаи доколку коронавирусот и натаму го следи класичниот пат на пандемија.

Најдоброто сценарио е она во кое сегашниот тренд би продолжил и тогаш нема да има повеќе од 200 мртви.

извор: Makfax