Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешната седница на Комисијата за еднакви можности во Собранието ја презентираше потребата од донесување предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Таа истакна дека насилството е тема која не познава политичка и партиска припадност, ниту образовна, интелектуална или, пак, верска припадност, туку ги засега сите.

„Жените и девојчињата често се изложени на сериозни форми на насилство коишто претставуваат сериозно кршење на човековите права. Токму затоа главни говорници кои го подигаат гласот против насилството се жените. Потребата од носење на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство произлезе по ратификацијата на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство (Истанбулска конвенција) и ова е едно од прашањата по кои ќе  следи и напредокот на државата во евроинтеграциските процеси“, истакна министерката Шахпаска.

Таа подвлече дека предлог-законот ги регулира превентивните мерки што секоја институција има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, но и брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето  итни и на привремени мерки за заштита.

„Судот има обврска, најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот“, појасни министерката.

Со предлог-законот е превдидено и донесување на програмата за реинтеграција на жртвите на насилство која вклучува модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови  финансиска помош, специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование за жените и нивните деца и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон.

Министерката ги повика пратениците да реагираат брзо и да го донесат законот без одлагање бидејќи, како што рече, овој закон претставува главна алатка на државата во справување со насилството врз жените и семејното насилство.​

извор: Makfax