Русинката Марија Шарапова по пауза од две години дојде до својата втора Грен Слем титула, откако во големото финале на Отвореното првенство на САД со 2:0, по сетови на двапати со 6:4, ја совлада Белгијката Жастин Анин-Арден.
Со неверојатна надмоќност, 19-годишната убавица извојува победа во мечот со поискусната и подобро рангираната белгиска тенисерка, која пред почетокот на средбата важеше за фаворитка.
– Пресреќна сум што токму во Њујорк, мојот најомилен град во светот, ја доживувам ова чест, на теренот именуван по мојот идол од детството Били Џин Кинг, која ме инспирираше во моите први почетоци. Тука публиката е прекрасна и се надевам дека во иднина, повторно ќе можам да го повторам истото, иако овој момент е назборавен, изјави Шарапова на свечената церемонија на доделувањето на наградите.
Интересно е тоа што дури во петтиот меѓусебен дуел, Шарапова успеа да оствари триумф во натпреварите со Белгијката и тоа во големото финале на Флешинг Медоуз.
Во финалето во машка конкуренција, ќе играат ривалите кои многу добро се познаваат, Роже Федерер од Швајцарија и Американецот Енди Родик. Федерер во полуфиналето го совлада Русинот Николај Давиденко со 6:1, 7:5 и 6:4, додека Родик исто така извојува победа над руски тенисер. Тој со 6:7, 6:0, 6:3 и 7:6 го елиминираше Михаил Јужни.
Легендарната Мартина Навратилова дојде до уште една Грен Слем тутула во кариерата, откако заедно со својот сонародник Американецот Боб Брајан со 6:2 и 6:3, во финалето на мешани двојки ги совладаа Чесите Мартин Дам и Квета Пешке.
Во игра на двојки кај мажите, Дам дојде до утешна победа со Индиецот Лендер Пас, бидејќи во финалето со 6:7, 6:4 и 6:3 беа подобри од шведско-белоруската комбинација, составена од Јонас Бјоркман и Макс Мирни.