Големото дерби на 3. коло на машкото суперлигашко првенство заслужено му припадна на Пелистер Кометал, кој со максимално мотивирана игра и залагање на целиот состав успеа да го фрли на колена актуелниот првак Вардар, совладувајќи го на негов мегдан со 23:20 (16:12). Битолч ани по израмнувањето на 2:2 (3 мин.) имаа постојана предност од 2 до 6 голови, а во нивниот состав нема- ше слабо место. Сепак, најмотивирани да се совлада актуелниот првак беа поранешните вардарци Алушевски, Јовиќ, Димовски и Ангеловски, кои беа “отпишани” од Управата на “црвено-црните”, а сега, добија шанса токму против своите клупски другари да ги демонстрираат своите квалитети. Во тоа и успеаја. Ги надминаа за цело копје интернационалците од Србија и Ц. Гора, кои во паузата меѓу двете првенства ги ангажира Вардар. Се редеа убави акции, потези и ефектни погодоци на битолчани, кои во вториот дел играа и без Алушевски, кој се повреди. Но, и тоа не им пречеше да имаат свое шоу во “Кале”. Посебна приказна за нападот на Вардар беше голманот на битолчани, Петар Ангелов, кој имаше брилијантна вечер. Нему, од спротивната страна, на голот на Вардар, му конкурираше Красавац кој, исто така, бе- ше во елемент и спречи противникот да забележи уште поубедлива победа. Пелистер во 37 минута имаше предност од 6 голови и се најавуваше катастрофа на домаќинот, зашто Ангеловски, Јовиќ од 7 метри и Алушевски беа непогрешливи. Но, во самиот финиш, се разигра Кајганиќ, кој со 4 голови едноподруго го врати во живот Вардар, кој стигна на негатива од само еден гол (19:20). Но, на сцена повторно стапија битолчани и со атрактивниот гол на Ангеловски, од крилната позиција, од свртување наназад, беше ставен крај на заслужената победа на Пелистер Кометал. Дербито во “Кале” имаше и црна точка. Во 39. минута дојде до тепачка на трибините, што остави грда слика, имаше прекин од 10-тина минути, а сето тоа се случуваше пред членот на судиската комисија на ИХФ Манфред Праузе, кој на трибините беше во улога на гледач. Откако се смири состојбата, Праузе го извади нотесот и нешто забележа. Очигледно не можеме без казни. (В.П.)