Актуелниот фудбалски првак на Македонија, екипата на Работнички К. направи сефте и во домашното првенство. “Романтичаритеè ги освоија првите три бода во одбраната на титулата со минималната победа од 1:0 над повратникот во елитата Пелистер во премиерниот натпревар од 2. прволигашко коло. Оваа средба се одиграа два дена порано и поради обврските на Работнички К. во Лигата на шампионите.
Тим-менаџерот Ѓоре Јовановски се обиде да одмори некои стандардни првотимци пред реваншот од 3. квалификациско коло за ЛШ против францускиот Лил в среда во Скопје. Во надмоќната, но и не ефикасна игра, најприсебен беше Михајловиќ, кој во 22 минута, по повратната топка со Игнатов, биеше прецизно од 20-тина метри и го совлада прилепскиот голман Коруноски.
– Отсекогаш сум велел дека Работнички К. има 20 играчи меѓу кои нема голема разлика во квалитетот. Тоа и го докажуваме, така што сите добиваат шанса и поеднаква минутажа да се искажат на теренот. Токму затоа ги одморавме Трајчов, Вајс и Јеремиќ. Сепак, го дадовме максимумот, иако некои играчи со мислите беа кон претстојната средба со Лил. Битно е што освоивме три бода, бидејќи освен обврските на европската сцена мораме да го држиме чекорот и во домашното првенство. Не смееме да дозволиме да заостанеме многу од другите кандидати за титулата, вели Јовановски.
По средбата со Пелистер на болки и повреди се пожалија Пејчиќ и Јеремиќ, кои се меѓу стартерите во изборот на Јовановски за реваншот со Лил, кој во Скопје ќе допатува со предност од 3:0 од првата средба.
– Човечки е да се надеваме додека имаме шанси. Дуелот се уште не е завршен, бидејќи остануваат скопските 90 минути во кои Лил треба да го завери пласманот во фазната група од ЛШ. Ќе се обидеме да сториме се што е во нашите можности, во краен случај да ги намачиме Французите многу повеќе отколку во Лил. Пејчиќ има стомачен вирус, а на Јеремиќ му потекува коленото. Верувам дека до среда ќе бидат санирани и ќе се најдат во стројот, каде се приклучија заздравените Неџипи и Велковски. Од тоа колку ќе бидат подготвени ќе зависи кој и колку ќе игра, додава Јовановски. (Б.Т.)