Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска преку зум апликацијата оствари работен состанок со британската амбасадорка Рејчел Галовеј. Фокус на средбата беше справувањето со пандемијата од Covid- 19 и подготовката за парламентарните избори кои следат. Во таа насока од страна на министерот Чулев бea потенцирани мерките и активностите кои ги преземаат полициските службеници за спроведување на одлуките донесени од страна на Владата, но и за обезбедување на здравствената сигурност на граѓаните.

„Двете страни заеднички се согласија дека парламентарните избори што следат треба да бидат фер и демократски, и во таа насока неопходно е институциите да ги преземат сите мерки но и протоколот кој ќе биде изготвен од нивна страна да кореспорендира со здравствената состојба во која се наоѓа државата, а истовремено и да гарантира заштита на здравјето на граѓаните. Двете страни заклучија дека излезеноста на граѓаните на овие избори е важен фактор кој ќе ја гарантира нивната легитимност и легитимноста на владата која ќе треба да се формира по нивното завршување.  

Министерот Чулев информираше дека Министерството за внатрешни работи веќе ги презема сите неопходни активности со кои ќе се гарантира безбедноста на избори, а во таа насока веќе е формиран оперативен штаб за нивно спроведување, а со кој раководи Директорот на Бирото за јавна безбедност. На средбата стана збор и за прашањата поврзани со миграцијата, но и меѓусебната соработка кои двете страни ја имаат во изминатиот период на повеќе полиња, а на чие надоградување треба да се работи во периодо кој следува“, се вели во соопштението.

извор: Makfax