Синдикатот на линиските пилоти на РМ и Струковиот синдикат на воздухопловно-техничкиот персонал не се задоволни од решенијата што ги нуди Предлог-законот за воздухопловство и бараат од Владата и Парламентот да го одложат неговото донесување. Синдикатите сметаат дека ваков каков што им се нуди на пратениците, Предлог-законот содржи низа пропусти што мора да се отклонат низ темелна анализа и расправа и со учество на сите релевантни фактори во воздухопловството.
Меѓу неколкуте пропусти што се споменуваат е и оној дека во Предлог-законот не е предвидено при основање на авиокомпанија, основачот да има депониран капитал, со што би се спречило човек-фирма без никаков капитал и искуство да се занимава со ваква дејност. Во европските закони од областа на воздухопловството, велат од синдикатот, е наведена висината на депонираниот капитал што се бара за вршење на ваква дејност, потоа претходно искуство од областа на воздушната пловидба, стручен и добро едуциран персонал и поседување на соодветна флота на квалитетни воздухоплови. Токму кај последново, никаде во Предлог-законот не се споменати прецизни услови, според кои би се изнајмувале воздухоплови. Со тоа, коментираат од синдикатите, би се спречиле досегашните проблеми со компании кои изнајмуваат авиони, токму како што е последниот случај на МАТ со ЈАТ.
Пилотите забележуваат и на делот кој се однесува на концесиите за аеродромите. Тоа може да стане проблем на државата и ќе се добие нов Телеком, велат оттаму, од причина што не се прецизирани законските регулативи за формирањето на цената на аеродромските услуги кои се на товар на обичниот патник. Како голем пропуст се наведува и тоа што во Предлог-законот не се споменати и дефинирани уредите и системите за навигација, кои се најважни за безбедно водење воздухоплови. Сопственоста на овие системи, коментираат пилотите, исклучиво мора да биде на државните органи, со што се спречува нивна злоупотреба.


Светлана БЛАЖЕВСКА