Шпанскиот Сенат, откако тоа го стори и Конгресот ги суспендираше сите предвидени активности во наредните седум дена. Причина за оваа одлука е заштита од коронавирусот, кој беше откриен кај генералниот секретар на ултра-десничарската партија Вокс, кој инаку е член на Конгресот.

Првата потпретседателка на Сенатот, Кристина Нарбона денеска објави дека сите закажани пленарни седници и состаноци на работните тела ќе бидат одложени, без да прецизира кога ќе бидат презакажани.

Тоа значи дека ќе биде пролонгирано донесувањето на одлуката која ја засега Македонија, со оглед дека една од точките кои беа во пакетот активности за неделава беше и гласањето за Протоколот за зачленување на нашата држава во НАТО.

Според официјалните документи, процедурата за прифаќање на документот во Сенатот со кој Македонија ќе ја надминеше и последната пречка пред и официјално да стане членка на Алијансата требаше да заврши најдоцна до 25 март.

Откако постапката во Сенатот ќе заврши, ратификациониот документ треба да биде депониран во Стејт Департментот, по што С Македонија и формално ќе стане дел од северно-атланското семејство.