Народната банка на Македонија на банките и нивните акционери им подготвува редица нови мерки за зајакнување на дисциплината во финансискиот сектор во земјава, со цел да се создаде здрав банкарски систем. Ова вчера на банкарите во рамките на нивното здружение во Стопанската комора на Македонија им го соопшти гувернерот на НБРМ, Петар Гошев. Тој истакна дека се подготвува нов закон за банки кој ќе донесе многу новини во нивното работење, со крајна цел годинава да се подобри амбиентот за нивното функционирање и усогласување со Европската регулатива. Со Законот, кој се планира да се донесе најдоцна до крајот на годинава, ќе се зголеми цензусот за добивање лиценца за работа на банка со мало овластување од сегашните 3,5 милиони евра на 5 милиони евра, додека за банка со големо овластување цензусот ќе остане ист од девет милиони евра. Гошев нагласи дека со новата законска регулатива ќе се зголеми траспарентноста на работењето на банките, а ќе се зајакнат и критериумите за акционерството во банките. Народната банка на Македонија ќе добие поголеми овластувања на ова поле, така што ќе може да одземе лиценца на акционер на Банка доколку тој го загрозува нејзиното работење. НБРМ ќе може да изврши и пренос на акции од акционерите во банка во која е воведена привремена управа. Првиот монетарец најави и измени во функционирањето на девизниот пазар од први идниот месец, чија крајна цел е да се намали односот меѓу продажниот и куповниот курс. Гошев вчера пред банкарите потенцира дека НБРМ и покрај сите обвинувања не води рестриктивна монетарна политика. Централната банка лани заедно со банките оствариле највисок степен на пораст или 24 отсто пораст на депозитите и ист толкав процент на пораст за кредитите. Според Глигор Бишев, прв генерален директор на Стопанска банка, тоа значи дека банките целата заштеда лани ја ставиле во функција на стопанството и креирањето на новите работни места. Дека работите одат на подобро, според гувернерот, говори податокот дека инфлацијата од 0,4 на крајот на минатата година е поголема и изнесува 0,2 проценти што значи имаме пак дефлација, трговскиот дефицит е помал во однос на првите три месеци од 2003 , а бруто-девизните резерви и покрај тоа што од јануари до март годинава се намалени за 21 милион долари, се на задоволително ниво.


Весна М. БОЖИНОВСКА