“Република Македонија презеде значајни чекори кон воспоставувањето на функционална пазарна економија. Иако земјата нема да може да се справи со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили во рамки на Унијата на среден рок, земјата започна со економски реформи, со кои доколку енергично продолжи, ќе и овозможи тоа да го постигне во иднина”. Ова е глобалниот заклучок на Европската комисија во мислењето кое пред три дена го добивме во пакет со статусот земја-кандидат, а кој се однесува стрикно до економската кондиција, нивото на кое сме, и каде треба да бидеме час поскоро, ако сакаме влез во големото семејство.
Со салдирање на плус-минус состојбите во економијата, кои ја “красат” земјата, она на што македонската влада мора да обрне посебно внимание ако сака да ја подобри глобалната слика, но и да исполни минимум од критериумите за влез во ЕУ, е да ги отстрани “црните дамки” кои ги идентификувала ЕК. Институционалните слабости во земјата го попречуваат функционирањето на пазарната економија, преку бавните и сложени административни процедури, слабостите во судството и слабата кондиција на катастарот, односно мал напредок во регистрацијата на земјиштето и на сопственоста. Ова е причината, според европските аналитичари, која ја расипува бизнис климата во Македонија и не ги стимулира странските директни инвестиции. Со големи маани ни е и пазарот на работна сила и финансискиот пазар, поради што и имаме голема невработеност и слабо кредитирање на претпријатијата. Немаме ниту домашни ниту странски инвеститори, поради што производството едвај расте, а конкурентноста – паѓа. Економијата ни ја “раскопува” неформалниот (сив или црн) сектор. Она што успеваме да го извеземе на странските пазари е неизбалансирано и тоа е упориштето каде Европејците гледаат тежок судир со конкурентските економии на единствениот пазар.
Кога веќе детектиравме што ни фали, што треба да направиме? Серија од итни, најитни мерки до среднорочни и долгорочни, кои ако не не направат еднакви, барем, ќе станеме препознатливи на пазарите на кои играат најмалку 25 големи бизнис-играчи. За да дојдеме до средината, според Европа првиот чекор е отворање простор за слободно движење на стоките, заштитата на правата на интелектуалната сопственост, политиката на конкуренцијата и подобрувањето на финансиската контрола. Откако на ова ќе ставиме точка, Владата или која било влада, треба да отвори “четири очи” кај јавните набавки, правото на трговските друштва, информатичкото општество и медиумите, земјоделието, енергетиката, оданочувањето, се до царинската унија со соседството и пошироко.
Во среднорочните мерки се нанижани правата за слободно движење на работниците, што значи целосно отворање на пазарот на трудот не само внатре во земјата, туку регионално, правото на основање претпријатија и слобода на давање услуги, слободен проток на капиталот и подобрување на квалитетот на финансиските услуги, како и нагласок на здравствениот сектор и заштитата на потрошувачите. Она за што Европската комисија проценила дека ќе имаме среднорочно најмалку главоболки е економската и монетарната политика која подолго време ни е стабилна и под контрола, статистиката, индустриската политика и развивањето на трансевропските мрежи на кои и така и така подолгорочно работиме и кои нам самите ни се приоритети.
Ова е, со речникот на експертите, рамката на матрицата по која треба да се движиме во економското престројување кон Европа, а “пикантериите” кои побрзо би требало да ги сокриеме одошто кажеме на глас се, еднаш засекогаш да раскрстиме со Египет, односно да се справиме со “пирамидалните шеми” и конкретно да притвориме некој поединец и компанија кои се во редот на таквите “градители”. Даночните обврзници државата да ги гледа со исти очи, односно да заборави на селективниот третман “за некого мајка, за некого маќеа”, а ако некој е притеснет до банкрот тоа да го направи, а не да го “шминка” или влече стечајот до бескрај. Колку да сме монетарно стабилни, и буџетот ни претекува, односно во суфиците, ЕК директно упатува на тоа дека мора да се подобри менаџирањето со јавните пари, или што би рекле кој, колку и како троши. Посебно тоа ќе дојде до израз со фискалната децентрализација. Агенција за спречување на перење пари имаме, но според ЕК ни треба и националната стратегија против перењето пари и финансирање на тероризмот. Мора да имаме и безбедни пазари на хартии од вредност, а и поголема будност кај осигурителните компании и бизниси.


Виолета ЦВЕТКОВСКА