Македонскиот народен театар утре премиерно ќе ја изведе првата претстава во програмата за 2011 – “Бесови” според романот на Фјодор Достоевски, по драматизација на Албер Ками и драматуршки обработена и режирана од Златко Славенски.
Претставата е обемна, трае речиси четири часа без пауза, со голема екипа од 14 актери и богата сценографија која ќе го опфати и фоајето на театарот и за која е задолжен проф. Владимир Георгиевски.

Режисерот Славенски на прес-конференција рече дека работата врз материјалот од двајца врвни писатели (Достоевски и Ками) била напорна и инспиративна.
“Тој тип на комбинација во драматуршката обработка е материјал во кој човек може да се нурне и да се изгуби. Секогаш може да се направи и да се осмисли повеќе… Третира ситуација која замрзнува со својата актуелност. Отвора и филозофски пршања, но она што најмногу не фасцинираше е како, всушност, вистинските идеи и вистинското творештво се навистина вонвременски, рече Славенски.

Меѓу актерите се и Кирил Ристевски и Александар Џуровски, кои на сцената се враќаат по подолго време отсуство, како и Владо Јовановски, кој пред десетина години играше во претстава по ова дело на Достоевски (Демони) во режија на Владимир Милчин. Јовановски и Ѓорѓи Јолевски ги играат главните ролји – Петар Степанович Верховенски и Никола Ставрогин.

Во “Бесови” ќе настапат и актерите Катина Иванова, Борче Начев, Славиша Кајевски, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Драгана Костадиновска, Арна Шијак и Владимир Ендровски, како и двајца студенти на четврта година на ФДУ – Мирослав Петковиќ и Ненад Митевски.