Четворица мажи се уапсени во Сараево поради сомнеж дека маскирани во полицајци ограбиле бегалци, од кои одзеле 12.700 конвертибилни марки.

Како што пренесуваат босанските медиуми, мажите се договориле да пресретнат комбе со бегалци, па претставувајќи се како полицајци да им ги одземат парите, мобилните телефони и сето она што има материјална вредност.

Еден од нив позајмил комбе од соседите за да ги пренесе бегалците, додека двајца набавиле униформи и пластично оружје и застанале на спореден пат во близина на селото Влаково. Таму чекале да помине комбето, а потоа глумејќи полицајци му сигнализирале на нивниот партнер, кој управувал со возилото, да застане.

Во комбето во кое биле сместени бегалците имало и десетгодишно дете.

Според договорот, крадците барале документи од возачот. Тогаш излегол еден бегалец и на англиски јазик ги молел да не го тепаат. Набрзо излегол уште еден и на лажните полицајци им понудил пари за да ги пуштат. Бегалците им ги дале сите свои работи на крадците кои потоа го поделиле пленот.

На крајот тројцата заедно со последниот маж, кој стоел зад планот за грабежот, биле уапсени од страна на полицијата.

извор: Makfax