Кошаркарите на Ф. Работнички засекогаш ќе го паметат настапот на европската сцена во сезоната 2004/2005 година. За кусо време соборија два неславни рекорда што не веруваме дека некој друг ќе ги повтори, посебно ако станува збор за клупско натпреварување од типот ФИБА Евролига. Против Фенербахче скопјани загубија со 49 поени разлика (109:60 – 9 ноември, лани), а завчера во чешкиот град Нимбурк против истоимената екипа, во втората четвртина постигнаа само четири поени (25:4)!? Не, не е никаква грешка, ниту пак “дополнителните мерења” покажале дека бил стеснат обрачот каде што скопјани требало да шутираат. По почетните 10 минути, кога Ф. Работнички водеше со 21:26, малку кој можеше да претпостави дека скопјани ќе имаат голем пад во играта во втората четвртина. Заспани или незаинтересирани, депримирани или неинвентивни, дозволија во овој дел домаќинот да направи огромна кош разлика и на одмор да замине со 46:30. Во оваа четвртина скопјани ги постигнаа “историските” четири поени со што му ја олеснија работата на домаќинот во трката за четвртото место во групата, зголемувајќи ја надежта дека можат да играат и во втората фаза од ова натпреварување. “Шпедитерите” одамна немаат такви грижи, сами се елиминираа од трката. Третата четвртина значеше и продолжување на супериорноста на чешките кошаркари, кои по 30 минути игра стигнаа до 65:40 и практично ги решија грижите околу крајниот резултат. Домаќините беа супериорни и во собирањето “отпадоци” под кошевите -41 , наспроти скопјани само 30. И овој сегмент доволно зборува за подредената улога на играчите на Ф. Работнички, кои се чини играа само заради формалност и ништо друго.