Реванш натпреварот од 1/16-финалната рунда во Лигата на Европа, против чешкиот претставник Викторија од Плзен, најверојатно ќе се покаже како последен за нашиот интернационалец, Горан Пандев и за неговиот тим Наполи на евросцената. Италијанскиот претставник има потреба од вистинско чудо, зашто треба да слави со четири гола разлика на гостувањето во Чешка за да осигура пласман во следната фаза од најмасовното клупско натпреварување. Убедливиот пораз од 3:0 на домашен терен е само уште еден доказ дека “азурите” се откажаа од Лига Европа и целосно се фокусираа на борбата за шампионската титула во Серија А.
– Имаме огромна негатива, но и Челзи загуби во Наполи 3:1, па после неколку месеци ја освои шампионската титула во Лигата на шампиони. Мора да имаме сосема различен пристап, мора да одиграме сосема спротивно од првиот натпревар. Ако имаме позитива на полувремето, тогаш се е можно, изјави тренерот на Наполи, Валтер Маѕари.

Предноста од два гола разлика фудбалерите на Зенит ќе се обидат да ја зачуваат на реванш натпреварот против англискиот претставник Ливерпул, а иста предност има и Интер пред реванш дуелот со романскиот претставник Клуж.

Голема борба и неизвесност се очекува на дуелот помеѓу екипите на Лион и Тотенхем, а домаќините имаат обврска да слават со најмалку еден гол разлика.

Денеска на програмата:
Рубин – Атлетико М. (2:0 прв натпревар), Лацио – Борусија М. (3:3), Лион – Тотенхем (1:2), Металист – Њукасл (0:0), Клуж – Интер (0:2), Днипро – Базел (0:2), Генк – Штутгарт (1:1), Олимпијакос – Леванте (0:3), Ливерпул – Зенит (0:2), Стеауа – Ајакс (0:2), Плзен – Наполи (3:0), Хановер – Анжи (1:3), Бордо – Динамо К. (1:1), Бенфика – Леверкузен (1:0), Фенербахче – БАТЕ Б. (0:0), Челзи – Спарта П. (1:0).