Лидерот на табелата во англиската Премиер лига и еден од најбогатите светски клубови, Челзи, ги маркира своите цели за летниот трансфер-пазар. Тимот на рускиот милијардер Роман Абрамович му понуди 70 милиони евра на Интер, за да го ангажира голгетерот на миланскиот клуб – Адријано. Но, сопственикот на “нероазурите” Масимо Морати, веднаш ја одби понудата на лондонскиот клуб. Сепак, Челзи најавува уште многу обиди за ангажирање на Бразилецот, иако, освен со Интер, за тоа ќе треба да се бори и со Реал Мадрид и агентот на Адријано, Гилмар Риналди. “Ние веќе се имаме договорено со Ариго Саки и раководството на Реал. Ако, Адријано некогаш го напушти ‘Џузепе Меаца’, тогаш негов иден тим ќе биде кралскиот клуб”, гласи изјавата на агентот Риналди. “Кралевите” подготвуваат понуда од 60 милиони евра за Адријано. Во исто време, Челзи подготвува понуда и за бразилската ѕвезда во таборот на Милан – Кака. По желба на менаџерот Хозе Мурињо, раководството на “Стамфорд Бриџ” стапило во контакт со миланезите за трансфер на младиот Бразилец. Но, од “Сан Сиро” не сакаат да разговараат за продажба на својот втор најдобар играч (по Андриј Шевченко). Интересно е дека и за Кака, освен со Милан, Челзи ќе мора да се бори и со Реал Мадрид. Двоецот Саки-Луксембурго, кои се на чело на “кралевите”, ги користат личните познанства со управата на Милан и со самиот Бразилец, за да го доведат на “Сантјаго Бернабеу”.