Сегашниот Устав на Босна и Херцеговина, чија основа е Дејтонскиот договор, требало да биде преработен најдоцна 12 месеци откако бил потпишан, смета директорот на Фондацијата “Конрад Аденауер” во Босна и Херцеговина Карстен Димел, осврнувајќи се на политичкиот документ на парламентарната група на Социјалдемократската партија од германскиот Бундестаг, во кој се наведува дека Дејтонскиот договор ја парализира Босна и Херцеговина, пишува Ал Џазира Балканс.

-Дејтон е потребен за мир во земјата, но за функционирање и развој на државата, не е, тврди Димел.

Тој смета дека Уставот не е преработен пред 20 години и дека тоа треба итно да се направи сега, со мали или големи чекори.

-Бидејќи сум реалист, знам дека тоа моменталната политичка состојба не го дозволува, но мора да се направи. Дејтон 2 нема да се случи, колку и да е потребно тоа. Затоа со мали чекори мора да се оди напред, а главната улога треба да ја има Уставниот суд. Тој треба да ги санкционира сите тие кои се против тоа, вели Димел.

Тој заклучи дека Босна и Херцеговина може да појде напред и со сегашниот Устав, но дека правото на вето во етничките парламенти го спречуваат тоа.

Досегашниот Устав на БиХ го запира законодавството во таа земја, смета и експертот за ЕУ и Балканот Доминик Толкдорф. Тој тврди дека на Уставот на Босна и Херцеговина може да се работи кога во таа земја би постоела политичка култура на барање на компромис.

-Уставот во Босна и Херцеговина се користи да се одржи состојба на статус кво. Тоа важи за сите страни. Но, се уште постои мала можност за спроведување на реформи на Уставот. Поранешниот европски комесар за проширување Оли Рен порано зборуваше за еволуција, наместо за револуција. Некогаш Уставот на таа земја мора да се промени, бидејќи нема многу такви во светот кои се нефункционални и кои пружаат толкави можности за блокади, тврди Толксдорф.

Тој смета дека меѓународната заедница нема моментална намера да го менува Дејтонскиот договор, бидејќи тој е гарант за еден вид на стабилност во земјата.

-Освен кризата во Сирија и во другите блискуисточни земји, на меѓународната заедница не и треба уште еден безбедносен проблем плус, објасни тој.

Германските парламентарци од редовите на СПД со политички документ исто така им порачаа на политичарите од БиХ да го искористат пристапот на ЕУ и да ги интензивираат преговорите за влез во Унијата. Додадоа дека што побрзо мора да се отворат поглавјата кои се однесуваат на владеење на правото и финансиската контрола.