Учениците од средното автосообраќајно училиште “Боро Петрушевски”, часовите по физичко воспитание, конечно ќе ги одржуваат во своја фискултурна сала. По многу најави, изградбата на објектот почна вчера, врз темелите кои беа удрени во 2005 година.

Новата фискултурна сала ќе има приземје со вкупна површина од 1015 квадратни метри, како и кат со вкупна површина од 408 квадратни метри, или вкупната површина на новиот објект ќе изнесува 1423 квадратни метри. Објектот е долг 54,5 метри и широк 19,9 метри, додека висината изнесува 8, 6 метри. Ќе има голема спортска сала, пинг-понг сала, мала гимнастичка сала, простор за реквизити, три гардероби, тоалети и просторија за професори.

– АСУЦ “Боро Петрушевски” досега немаше фискултурна сала и учениците наставата по физичко воспитување ја остваруваа во повеќе сали надвор од училиштето, пред се во салата на “Металург” во Автокоманда, како и салата на СУГС “8 Септември”. Со изградбата на новата фискултурна сала за околу 930 ученици кој посетуваат настава во АСУЦ “Боро Петрушевски” ќе се подобрат условите за одржување на настава по физичко воспитување, ќе се подобрат условите за одржување на настава по физичко воспитување, како и за спортување и рекреација на учениците на ова средно училиште, истакна скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој го најави почетокот на градежните работи од првата фаза од проектот.

Директорката на училиштето Соња Ристоска истакна дека новата фискултурна сала ќе овозможи нормално одвивање на наставата по физичко воспитување и дека првата фаза од изградбата треба да заврши за седум месеци.

Со првата фаза од проектот предвидено изградба на објектот до карабина, додека внатрешното уредување и опремување ќе се изврши во втората фаза.

За реализација на првата фаза Град Скопје ќе издвои околу 11 милиони денари, а градежните работи ќе ги изведува ГП “Гранит”.