Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за време на посетата на Германија го обвини Берлин дека врши систематски притисок врз Турците во таа земја и ги спречува да ја поддржат кампањата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за референдумот за проширување на овластувањата на претседателот.

-Престанете на ни држите лекции за човекови права и демократија, рече Чавушоглу пред насобраните Турци на собирот во генералниот конзулат на Турција во Хамбург откако германските власти претходно го затворија локалот каде што требаше да се одржи митингот.

Хамбург беше четвртата локална самоуправа која го откажа митингот на турскиот министер.

Германија, пак, очекува да запрат дипломатските тензии со Турција, а од Анкара се бара да работи на обнова на долгогодишното пријателство меѓу двете земји. Ваква порака на својот турски колега му пренесол германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел.

Габриел на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу му ставил до знаење дека споредбите меѓу нацизмот и забраната за турските митинзи на кои властите во Анкара требаше да ги промовира најновите измени во турскиот устав во Германија се неприфатливи.

„Двете страни имаат одговорност да не преминат одредени црвени линии, а споредбата со нацистичка Германија е една од тие црвени линии”, изјавил Габриел по средбата на која Берлин побарал во интерес на добрите односи на двете земји и на големото турско малцинство во Германија да бидат надминати тензиите.

Според Габриел, иако двете земји во моментов имаат сериозни разлики за низа отворени прашања нема алтернатива за дијалогот затоа што само преку него чекор по чекор Германија и Турција можат да се вратат во нормала.

И Чавушолгу се согласува дека лошите односи меѓу двете земји не се во ничиј интерес и најавува дека наскоро ќе се одржи нова рунда разговори во Турција но шефот на турската дипломатија не ја прифаќа вината за нарушените дипломатски врски. Чавушоглу од Германија бара да се одлучи дали ја смета Турција за пријател и во исто време очекува официјален Берлин да не и „попува” на Анкара.

Обвинувањето на турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган кој во текот на викендот на митинг во Анкара ја обвини Германија дека со забраната на турските политичари да им се обратат на Турците во Германија не е различна од нацистичката практика е само уште еден од низата конфликти кој што започна лани во јуни. Тогаш Турција остро реагираше на резолуцијата со која Бундестагот масакрот на отоманската империја врз Ерменците во првата светска војна го прогласи за геноцид.