Фудбалерот на Барселона Чави Ернандез, истакна дека каталонскиот тим е сличен на шампионската генерација на кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс во НБА лигата од 80-те години на минатиот век. Чави изјави дека е заљубен во играта на својот тим, која им донела многу трофеи.
– Заљубен сум во оваа наша фудбалска филозофија. Ми се допаѓаше како Гвардиола ја водеше екипата и како тоа сега го прават Тито Виланова и Жорди Рус. Искрено, не би можел да замислам да играм поинаков фудбал, изјави Чави за шпанските медиуми.

Тој заедно со уште шестмина играчи на Барселона се во конкуренција за спортист на годината во Каталонија. Но, како што вели индивидуалните признанија не се фер во колективниот спорт.
– Индивидуалните награди во колективните спортови не се фер. Голманите ретко добиваат признанија, а сигурно ги заслужуваат. За пет или шест години кога ќе помине нашето време, сите ќе не паметат, како што е со шампионската генерација на Лејкерси од пред 30 години, додаде Чави.

Главниот играч во споменатата кошаркарска екипа од Лос Анџелес беа Меџик Џонсон, Карим Абдул Џабар , Џејмс Ворти, Бајрон Скот и Еј Си Грин, а од клупата ги предводеше Пет Рајли.
Езерџиите тогаш имаа препознатлив стил на игра кој новинарите го викаа “шоутајм”, а фудбалерите на Барселона предводени од Меси, Чави и Иниеста последните неколку години прават нешто слично, но на зелениот терен.

Многумина од споменатите кошаркари цела сезона играа за Лејкерси, како што е случајот со Чави.
– Најверојатно брзо созревате кога играте во различни клубови, но јас одлучив да останам во Барселона, иако беше тешко на почеток. На крајот таа моја тврдоглавост се исплатеше, бидејќи дојдов до извонредни резултати, вели Чави, кој за Барселона дебитираше во сезоната 1998/99.